Со поддршка од Проектот за граѓанско учество на УСАИД и Националната фондација за демократија, Фондацијата Метаморфозис во соработка со партнерите од регионалната мрежа на ГО – Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE), подготви проценка на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Проценката се базира врз сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност и има за цел да утврди до кој степен се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот. Овој труд исто така дава длабинска анализа на работата на извршната власт и Собранието на Република Северна Македонија, но дава и резиме на вкупните перформанси на соодветните институции во нашиот регион. Регионалната перспектива служи како референца за тоа како напредуваат државите во регионот кон подобрување на доброто владеење и владеењето на правото што ги води кон нивната стратегиска цел – членство во ЕУ.
Трудот е збогатен со практични препораки за тоа како извршната власт и Собранието во Северна Македонија можат да го подобрат нивното почитување на принципите на добро владеење во иднина. Препораките ќе бидат соопштени до високите државни службеници во сите набљудувани институции преку состаноци, како и до пошироката јавност преку социјалните медиуми и одржување на јавни настани.
Истражувањето е спроведено меѓу јануари 2022 г. и март 2022 г. Примерокот на таргетирани институции се состои од вкупно 51 институција, вклучувајќи ги Владата/Генералниот секретаријат, 16 министерства и 33 случајно избрани извршни органи во состав на министерствата, како и Собранието на Република Северна Македонија.
Најотворена е Владата на Северна Македонија, која исполнува 82,71 % од поставените критериуми за отвореност, по која следи Владата на Црна Гора со 58,16 %. На трето место е БиХ со 49,58 %. Владата на Република Србија е на последно место со исполнување на 37,96 % од критериумите за отвореност.
Оваа проценка е достапна на македонски, албански и англиски јазик.
Оваа проценка е подготвена од Фондација Метаморфозис и мрежата ACTION SEE во рамки на Проектот за граѓанско учество (CEP) со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), во синергија со проект финансиран од Националната фондација за демократија (NED).
Сподели: