Според најновите информации, повеќе од 3.600.000 луѓе во 215 земји во светот се заразени од вирусот КОВИД-19. Низ целиот свет има околу 250.000 жртви, додека бројот на закрепнати лица е над 1.148.000.
Како и повеќето влади низ светот, владите на Западен Балкан спроведоа различни стратегии за да го спречат понатамошното ширење на вирусот. Од друга страна, драстичните мерки како што се затворање на границите, затворање на училиштата и рестрикции при патување, предизвикаа брз раст на употребата на онланј услугите низ целиот регион. Во ова време на криза, кога нациите се принудени да се борат на повеќе фронтови, можеме да сведочиме за основната важност на Дигиталната агенда и нејзината улога. Подолу во тесктот се претставени некои од најважните иницијативи од земјите од Западен Балкан кои се партнери на ICEDA.
Пријавени случаи на КОВИД-19 во земјите од Западен Баклкан до 7 мај 2020 | ||||
Земја | Потврдени случаи | Оздравени | Смртни случаи | Активни случаи |
Албанија | 842 | 605 | 31 | 206 |
Косово | 861 | 561 | 27 | 273 |
Црна Гора | 324 | 265 | 8 | 51 |
Северна Македонија | 1572 | 1079 | 89 | 404 |
Србија | 9848 | 2160 | 206 | 7688 |
Извор: Светска здравствена организација
При креирањето на дигитални канали за комуникација и општо функционирање за време на пандемијата со КОВИД-19, беа следени неколку светски трендови. На пример, сите земји партнери на ИЦЕДА (Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Косово и Албанија) имаат посебни официјални веб-страници на кои граѓаните можат да ги најдат најновите информации за случаи на коронавирус. Србија креираше страница со отворени податоци и ги покани луѓето слободно да ги користат и обработуваат информациите за КОВИД-19 понудени на страницата. Од друга страна, Северна Македонија ја лансираше мобилната апликација StopKorona! за откривање близок контакт со потенцијално заразени лица преку локација. Сепак, по неколкуте реакции за безбедноста на апликацијата, Владата на Северна Македонија му наложи на министерот за здравство да формира работна група и да изврши увид во изворниот код на мобилната апликација.
Институциите во сите пет земји ги промовираа веќе постоечките е-платформи за издавање различни видови на службени документи. На пример, во Косово и Албанија, овие платформи главно ги користат граѓаните за да проверат дали на нивните бизниси им е дозволено да работат за време на пандемијата, да аплицираат за дозволи за одење на работа или да купуваат онлајн. Во меѓувреме, Министерството за јавна администрација во Црна Гора подготви и објави бесплатен „Водич за електронски услуги“ за користење на сите национални е-платформи. Овој водич беше дистрибуиран преку релевантни портали и печатени весници. Иако процентот на корисници во нашите држави, заедно со бројот на достапни е-услуги се зголеми за време на кризата со коронавирус исто тка се појавија неколку проблеми. Еден од проблемите се случи кога официјална електронска база на податоци за случаи на КОВИД-19 во Србија беше компромитирана во период од осум дена. Во периодот од 9 до 17 април базата беше достапна за секого преку едноставно пребарување на Гугл. Една од здравствените институции ги оставаше и корисничкото име и лозинката видливи за секој што пристапува на таа страница. Откако ова беше откриено од страна на една граѓанска организација и беше пренесено на надлежните органи, податоците за најава беа отстранети. Слично нарушување на безбедноста се случи во Црна Гора, кога личните податоци за здравјето на луѓето заразени со коронавирус „протекоа“ во јавноста.
Бидејќи училиштата се затворени, учениците од Западен Балкан следат настава на интернет. Интересно е тоа што иако нашите училишни системи се сѐ уште многу традиционални, повеќето од државите реагираа брзо и обезбедија механизми за учење преку интернет, а едни се поуспешни од други. Едукативните дигитални активности варираа од земја во земја, од платформата ЕДУИНО, #НаукаЗаДеца и 5плус едукативната платформа со наставни програми за прво до четврто одделение во Северна Македонија, до проектот #Učidoma во Црна Гора заедно со неодамна лансираната апликација еДневник каде родителите можат да ги најдат сите информации за оценките и однесувањето на нивните деца на едно место. Министерството за образование на Косово има и официјална веб-страница на која се објавуваат сите образовни материјали, додека во Албанија, Министерството за образование, спорт и млади спроведе интернет-анкета која ја одговорија 320.000 родители, студенти, ученици и наставници за ефективноста на овие применети форми на образование. Резултатите од истражувањето се објавени на официјалната веб-страница на Министерството. Од друга страна, Министерството за образование во Србија организираше тестирање на онлајн системот за полагање на завршни испити од основно училиште на целата територија на Србија. Системот „падна“ како резултат на големиот број барања за креирање кориснички профили во исто време. Проблемот беше решен со предлагање различни часови за најавување во текот на денот, врз основа на местото на живеење.
Заедниците во секоја земја се исто така многу активни, а бројот на онлајн иницијативи секојдневно расте. Во Северна Македонија до Фондот за иновации и технолошки развој беа доставени вкупно 546 иницијативи за справување со кризата поради КОВИД-19, меѓу кои имаше ИТ платформи и апликации. Една од иницијативите за која беше одобрено финансирање беше апликацијата ChallengerДома која ги мотивира луѓето да останат дома со тоа што им дава поени за останување дома кои подоцна можат да ги искористат за попусти во локалните маркети. Заедницата во Северна Македонија и медиумите ги поддржа напорите на институциите за информирање на граѓаните, преку создавање и споделување на едукативни визуализации и видеа, но исто така ги искористија овие алатки за подигање на свеста за лошите страни на системот, за борбата против дезинформациите поврзани со пандемијата и за споделување информации за успешни волонтерски иницијативи во заедницата. Истовремено, во Црна Гора се создадоа платформи како „DobroJeTo“ за пружање помош на малите бизниси за време на СОVID-19. Општина Тирана започна интересна иницијатива наречена „Посвој баба/дедо“ во која веќе се вклучени над илјада волонтери. Иницијативи како што се платформата за Дигитална солидарност во Србија собраа на куп бесплатни дигитални содржини, платформи за учење од дома, работа од дома, како и бесплатни книги, курсеви, музика, филмови и други едукативни и забавни содржини за време на пандемијата со КОВИД-19. Во сите пет земји од Западен Балкан, група ентузијасти се собраа за да им помогнат на здравствените работници. Тие, преку 3Д принтери изработуваат штитници за лице и ги доставуваат до здравствените центри.
Психолошкото здравје е многу значаен аспект на кој треба да се обрне внимание заради многу строгите мерки кои ги заклучуваат луѓето и по неколку недели во карантин. Дигитализацијата на психолошката поддршка во Косово е прикажана преку создавање на посебната платформа „Fol shlire“ за овој вид комуникација. Првиот Семеен центар во Северна Македонија неодамна обезбеди онлајн советување за време на пандемијата како прва специјализирана услуга во земјата, достапна за жртви и сторители на полово и семејно насилство, вклучително и малолетни лица. Владата, Министерството за внатрешни работи и UNDP во Црна Гора лансираа мобилна апликација наречена „Буди сигурна“ која им овозможува на жртвите на насилство веднаш да вклучат аларм дека се во опасност, да пријават семејно насилство и да побараат помош. Апликацијата е креирана за време на избувнувањето на КОВИД-19, но претставува долгорочно решение. На пример, граѓаните во Србија можат да контактираат со лекарите или да користат психолошка помош преку апликацијата „Dok-Tok“, лансирана во април. Истовремено, во Албанија е можно да се побара совет и поддршка преку консултација со редот на психолози во Република Албанија.
Оваа пандемија ја зголеми потребата за електронски услуги низ целиот регион во многу аспекти. Институциите, организациите, но и граѓаните, се во фаза на справување со многу предизвици и додека можеме да кажеме дека има подобрувања во однос на имплементацијата на Дигиталната агенда на Западен Балкан, очигледно е дека многу од овие решенија треба да бидат достапни долгорочно. Следните чекори треба да воведат најразлични дигитални алатки во образованието, а пред сè, во градењето на капацитетите на наставниците. Владите на сите пет земји треба да работат на подобра координација на иницијативите во време на кризи, како и на локалната самоуправа. Набљудувањето на Западен Балкан во последните неколку месеци покажа дека улогата на дигиталната трансформација во движењето напред е неоспорна во целиот регион.
Проектот Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA е ко-финансиран од Европската Унија.
Главната цел на проектот е да го зголеми учеството на граѓанските организации (ГО) во обликувањето и спроведувањето на Дигиталната агенда на Западен Балкан.
Сподели: