Вчера, 20 мај 2022 во Скопје, заврши Меѓународната конференција за отворени податоци на темата
„Податоците и културата на отвореност“ организирана од страна на Фондацијата Метаморфозис
преку Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Тридневната конференција адресираше прашања поврзани со вредноста на отворената култура и
улогата на отворените податоци во неа, а отворените податоци се дискутираа од различни аспекти–
од технички, политички па сè до вредносен аспект. Конференцијата им овозможи на учесниците,
преку панел дискусии, да споделат примери и искуства на теми поврзани со моменталната состојба
на отворените податоци во Западен Балкан со акцент на Северна Македонија, но и за иновативните
и практични решенија засновани на отворени податоци, кои поттикнуваат социјално и економско
влијание. Една од темите на конференцијата беше и концептот на отворените градови. Настанот
обедини претставници од владините институции на Западен Балкан, невладини организации и
експерти во полетно на отворените податоци.

Во своето поздравно обраќање, директорот за развој на Фондација Метаморфозис Филип
Стојановски, истакна дека меѓународната конференција за отворени податоци е продолжение на
соработката со УСАИД, истакнувајќи ја и важноста на Министерството за информатичко општество
и администрација во целиот процес на отворање на податоци. Вршителот на должноста
претставник на канцеларијата на УСАИД Џејмс Стајн посочи дека “отворените податоци се моќна
алатка. Кога добро се користат, помагаат да се подобри начинот на работењето на владите и се
гради култура на доверба меѓу институциите и граѓаните. Отворените податоци го поттикнуваат
граѓанското учество и создаваат средина каде информираните граѓани се активно вклучени во
поддршката и бараат од институциите да работат транспарентно и одговорно.” Министерот за
информатичко општество и администрација Адмирим Алити изјави дека “заклучно до денес, на
порталот gata.gov.mk се објавени 543 податочни сетови од 72 институции од јавниот сектор.
Министерството во соработка со Фондацијата Метаморфозис работи на поддршка на институциите,
како што се Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Бирото
за јавни набавки, Институтот за јавно здравје и Генералниот секретаријат на Владата во процесот
на отворање на нивните податоци.

Конференцијата имаше и едукативен карактер каде што учесниците имаа можност да присуствуваат
на работилница на темата „Патоказ за отворени податоци“.

Настанот заврши со препораки за активно користење на отворените податоци од страна на
академската заедница, новинарите, ентузијастите за отворени податоци и граѓаните; институциите
да продолжат да бидат транспарентни и да отвораат што е можно поголем број на податочни сетови
и да се создаде платформа за дијалог и учење во однос на податоците и културата на отвореност.

 

Сподели: