Млади лица од Источниот и од Североисточниот регион на земјава беа дел од Програмата за медиумска обука „Дезинформации и проверка на факти“ која се одржа од 24 до 26 мај во Штип. На тридневната обука, во организација на Фондацијата Метаморфозис, заедно со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), младите имаа можност да стекнат знаења за начинот на проверка на факти, да ги научат основните техники во овој домен и воедно самите да земат учество и да извршат проверка на факти.
Обучувачи беа тројца новинари, главниот уредник на Вистиномер, Владимир Петрески, уредничката во Мета.мк, Мери Јордановска, и Џон Гринберг од американскиот сервис за проверка на факти Политифакт.
Обуката вклучуваше комбинација на теорија и практична работа, почнувајќи од начините на кои се шират дезинформациите и пропагандата, како и за тоа од каде потекнува современиот феномен на дезинформациски наративи. Потоа беа споделени примери за лажни објави во Северна Македонија и во Соединетите Американски Држави (САД). Исто така, се говореше за начините и општите правила за откривање на изјави и објави за кои може да се направи провека на факти, а беше објаснета и методологијата односно техниките за проверка на факти
Oбуката вклучуваше информирање во однос на најчесто споделуваните содржини кои содржат дезинформации, но и беа дадени препораки како новинарите можат да се заштитат од споделување на некомплетни, злонамерни, манипулирани информации од некредибилни извори. Воедно, беа споделени и испробани повеќе алатки кои се користат при проверката на факти, а обучувачите ги објаснија и основите на системот за саморегулација на медиумите.
На крајот, учесниците имаа групна задача да ги изработат контурите на една проверка на факти.
На сите учесници им беа доделени сертификати за успешно завршување на обуката.
Ова беше четврта обука која ја организира Фондацијата Метаморфозис, во партнерство со Меѓународниот центар за новинари. Најдобрите учесници од сите обуки претстојново лето ќе имаат можност за практиканство во медиумите на Метаморфозис: Мета, Порталб или Вистиномер, а двајца млади ќе имаат можност да поминат еднонеделна студиска посета во САД.
Сподели: