Фото: Метаморфозис

Седуммина млади практиканти го почнаа својот едномесечен ангажман во медиумите на Фондацијата „Метаморфозис“ (Новинска агенција Мета, Порталб и Вистиномер) од почетокот на месец јули.

Иако првично беше предвидено да се ангажираат четворица практиканти, поради големиот интерес и силната конкуренција на младите кои учествуваа на четирите обуки, Фондацијата „Метаморфозис“ реши да ангажира седуммина.

Станува збор за најдобрите учесници на серијата од четири обуки кои се одржаа во текот на месеците февруари, март, април и мај оваа година во кои учествуваа 40-ина млади. Меѓу нив има студенти по новинарство, студенти по компјутерски науки, медицина, дипломирани новинари и студенти по комуникациски студии. Во текот на месец јули тие ќе работат заедно со уредниците и со новинарите од редакциите на Мета.мк, Порталб.мк и Вистиномер.мк, ќе имаат можност да учат и да дадат нивен придонес во изработката на квалитетни новинарски продукти.

На крајот од практикантската работа, најдобрите двајца од седумтемина практиканти ќе заминат на еднонеделна посета на Вашингтон, САД, во организација на Меѓународниот центар за новинари (ICFJ).

Практикантската работа е дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука во Северна Македонија“ која Фондацијата „Метаморфозис“ ја спроведува заедно со Меѓународниот центар за новинари (ICFJ), а со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

Сподели: