Фондацијата Метаморфозис, во соработка со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ) од 26 до 28 април во Струмица ја спроведоа тридневната обука на англиски јазик „Новинарство засновано на податоци и визуелизации“. На обуката учествуваа 11 лица, првенствено студенти и млади новинари, од Вардарскиот и од Југоисточниот регион.
Обуката ја водеа тројца новинари, предводени од еминентниот новинар на „Њујорк Тајмс“, Роберт Гебелоф, кој предава дата новинарство на Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија во Њујорк. Од Фондацијата Метаморфозис како обучувачи беа вклучени новинарите Горан Ризаов и Бојан Блажевски.
Тридневната обука беше спроведена како комбинација од предавања и практична работа, а беа опфатени важни теми за понатамошната работа на учесниците, како на пример дефинирање на терминот „податоци“ и типови на податоци, како и од каде да се пронајдат податоци, како да се скрејпува од ПДФ фајлови, како да се прочистат податоците во табели и како да се изврши анализа на податоците. Обучувачите презентираа и неколку софтверски алатки за визуелизација на податоци.
Учесниците беа поделени во три тима, а секој од тимовите имаше задача да изработи визуелизација од избраните податоци на одредена тема. На крајот од обуката, учесниците ги претставија финалните визуелизации. Младите кои се вклучија во тридневната обука добија сертификати за стекнатите вештини, издадени од Меѓународниот центар на новинари и од Фондацијата Метаморфозис.
Спроведената обука е дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука“ на Фондацијата Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (ICFJ), а е реализирана со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.
Обуката што се одржа во Струмица беше трета од вкупно четири обуки што ќе се одржат во првото полугодие од 2023 година. Покрај можноста учесниците да стекнат знаења на обуките, на дел од најдобрите млади лица што учествувале на работилниците ќе им биде овозможено да станат практиканти во еден од трите медиуми на Фондацијата Метаморфозис, Мета, Порталб и Вистиномер. Во финалната селекција ќе бидат избрани двајца млади што ќе остварат студиска посета на САД во организација на Меѓународниот центар за новинари.
Целта на програмата е да им обезбеди на младите неопходни вештини за висококвалитетно известување со користење податоци и потврдени факти, да ги запознае со примената на економични дигитални алатки или алатки со отворен код во нивната работа и да ги поврзе со колеги со слични размислувања за размена во врска со заедничките проблеми и потенцијалните решенија.
За сите млади на возраст до 29 години што се од Североисточниот и Источниот регион, наскоро ќе биде објавен повикот за пријавување на обуката „Мис/дезинформации и Проверка на факти“. Оваа обука ќе се одржи во Штип, кон крајот на мај.
Сподели: