Фондацијата Метаморфозис, во соработка со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ) од 8 до 10 февруари ја спроведоа тридневната обука на англиски јазик „Новинарство засновано на податоци и визуелизации“. Во обуката што се одржа во Скопје учествуваа 13 млади лица, првенствено студенти и млади новинари од Скопскиот и од Полошкиот регион.

Обуката ја реализираа тројца новинари, предводени од еминентниот новинар на „Њујорк Тајмс“, Роберт Гебелоф кој предава дата новинарство на Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија во Њујорк. Од Фондацијата Метаморфозис, обучувачи беа Горан Ризаов и Бојан Блажевски, уредници во Новинската агенција Мета.

Тридневниот настан беше спроведен како комбинација од предавања и практична работа на учесниците на обуката, при што беа опфатени темите: дефинирање на терминот „податоци“ и типови на податоци, како и од каде да се пронајдат податоци, како да се скрејпува од ПДФ фајлови, како да се прочистат податоците во табели и како да се изврши анализа на податоците. Обучувачите презентираа и неколку софтверски алатки за визуелизација на податоци.

Учесниците беа поделени во три тимови, кои имаа за задача да изработат визуелизација од избраните податоци на одредена тема и на крајот од обуката да го презентираат финализираниот производ. Младите кои се вклучија во тридневната обука добија сертификати за стекнатите вештини, издадени од Меѓународниот центар на новинари и од Фондацијата Метаморфозис.

Спроведената обука е дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука“ на Фондација Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (ICFJ), а е реализирана со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Повеќе информации и галерија од обуката достапна на следниов линк.

Сподели: