Од 17-ти до 20-ти мај, 2021 се одржа онлајн Хакатонот за отворени податоци организиран од Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

За учество на Хакатонот се пријавија 13 учесници и беа формирани 3 работни тимови. Тимовите имаа за задача да изготват софтверски решенија кои ќе бидат во полза на граѓаните, користејќи отворени податоци од јавно достапни бази на институции. Победник на настанот беше тимот Дисциндо кој според жирито понуди најдобро и најкреативно софтверско решение за предизвикот со кој се соочуваат единиците на локалната самоуправа при објавување на буџетот.

Дисциндо понуди веб апликација што ќе овозможи конвертирање на ексел табела во читлив документ, овозможува складирање на конвертираните документи во јавен репозиториум и овозможува корисникот да види визуелизации за буџетот на општините и споредба меѓу приходите и расходите.

Скриншот од победничкото решение

Користејќи ги отворените податоци, преку иновативни идеи и примена на постоечки знаења, креативните тимови на луѓе од повеќе сектори имаа можност да придонесат во зголемување на квалитетот на животот или пак во олеснување и решавање на општествени проблеми на граѓаните. Отворените податоци, освен тоа што преку транспарентноста и отчетноста на властите ја зголемуваат довербата на граѓаните во институциите, можат позитивно да влијаат врз деловниот, академскиот и граѓанскиот сектор. Тие се исклучително важни за креирање на нови производи и услуги кои можат да го олеснат и воедно подобрат секојдневниот живот на граѓаните.

Сподели: