Принтскрин од презентацијата „Медиумско описменување за критичен младински став“

Младите од руралните средини немаат пристап до локални и регионални медиуми, забележана е недоволно зајакната свест за медиумска писменост и слабо развиен младински активизам. Младите не се ниту мотивирани, ниту заинтересирани да се вклучат во било какви локални акции каде би ја вклучиле медиумската промоција. Ова беше истакнато на панел-дискусијата „Искуства од неформалното образование на младите за медиумска писменост и критичко мислење“ која се одржа во рамките на 17-тата конференција „е-Општество.мк“.

Младите покажуваат мала активност во граѓанскиот сектор, затоа што очекуваат да добијат нешто за возврат, а всушност тие треба да бидат оние кои даваат на заедницата и општеството, истакна Жаклина Цветковска од Центарот за аудио и аудио-визуелни медиумски уметности од Крива Паланка.

Ова е заклучокот од проектот „Медиумско описменување за критички младински став“ кој се спровел во општините Крива Паланка, Кратово и Ранковце, а во кој биле вклучени 80 ученици во деветто одделение. Станува збор за општини кои се едни од најзапоставените и најмалку развиените, општини со ограничени можности за млади, зашто младите таму немаат пристап до локални и регионални медиуми, особено информативни медиуми кои би ги промовирале младинските политики и проблеми, вели Цветковска.

„Се покажа една огромна ниска самодоверба за јавен настап кај учениците, заради што сметам дека еден од главните предизвици на кои мора да работат воспитните и образовните институции, но и семејствата, е зајакнување на самодовербата кај основците, со цел тие да бидат посигурни во себе и во своите капацитети и да можат јавно да се изразуваат. Ова особено важи за малите средини, каде младите се чувствуваат инфериорни во однос на големите градски средини и сметаат дека се недоволно подготвени да се соочат со нивните врсници“, истакна Цветковска.

Таа рече дека неформалното образование сè уште е од суштинско значење во областа на медиумската писменост, бидејќи со новите реформи во образованието, допрва се воведува медиумска писменост, па неформалното образование не треба да ја намали својата важност, затоа што реформите и резултатите допрва претстојат.

„Медиумската писменост навлегува во сите сфери на општественото живеење и навистина е важна за сите во општеството, посебно за младите кои подлежат на многу пропаганди, дезинформации и центри на моќ кои можат да манипулираат со нив“, рече Цветковска.

Основците од руралните средини најприсутни на Инстаграм и ТикТок

Како најголеми предизвици за медиумското описменување на младите во руралните средини Цветковска го истакна недостигот на локални и регионални медиуми, заради што мора да се размисли како може да се зголеми присуството на медиумите таму, а пред сè информациите за локалните настани и за младинските акции во локалните средини. Според неа, останува и потребата од дигитално образование, како и надминување на несигурноста при јавен настап.

„Учениците имаа проблем при вклучување пред камера и истакнување на нивните ставови“, вели Цветковска.

Според спроведените анкети, само мал дел од основците, односно 25 отсто, следеле информативни содржини, а најголем дел од нив се задржувале на забавните содржини. Тие главно биле присутни на Инстаграм, ТикТок и Твитер, каде најчесто гледале и споделувале фотографии и видеа. Забележано било и дека само 10 отсто од младите биле присутни на социјалната мрежа Фејсбук.

Цветковска истакна дека нивното истражување покажало оти голем дел од младите не прават разлика помеѓу веб страна и социјална мрежа, што е поразително. Учениците од овие општини не знаеле да посочат ниту еден дневен весник, списание или магазин. Само малкумина знаеле што е цензура, пропаганда, јавен интерес и јавно мислење. Истовремено, само 15 отсто рекле оти знаат дека една вест се проверува од најмалку два извора.

Основците не знаеле ниту што е инклузивност, емпатија и основни правила на добро однесување на интернет. Близу 40 отсто рекле дека се имаат соочено со интернет опасности, а за ова најчесто ги известувале другарчињата и родителите, поретко наставниците.

Само 33 отсто од основците рекле дека се сретнале со медумската писменост во образованието, а 77 проценти сметаат дека медиумите малку или воопшто не влијаат на нивните ставови. Голем процент од основците рекле дека не им веруваат на медиумите.

Интернетот во учењето им помагал на високи 87 отсто од деветтоодделенците, но главно преку користење на „Википедија“ во однос на она што е наставна содржина.

Во рамки на проектот биле вклучени неколку активности како анкети, интерактивни и едукативни работилници и онлајн младински акции за дигитално образование. Проектот имал за цел да влијае на поттикнување на младинскиот активизам и на осознавање на основите на медиумската писменост.

По спроведувањето на проектот, забележано било зголемување за 29 отсто на знаењето за медиумска писменост помеѓу основците.

„Дури 74 ученици почнале да ја препознаваат медиумската писменост во едукацијата. На почетокот не познаваа ниту еден основен новинарски жанр, но потоа ги приближивме основните новинарски жанрови и ги запознавме со тоа како се изработува текст, информација, но и како да направат селекција на вести. Голем резултат постигнавме и на полето на дигиталната писменост. По едукацијата, основците знаеја што е пропаганда, цензура, јавен интерес и го зголемија за 45 отсто знаењето од колку извори треба да се потврди една вест“, рече Цветковска.

Институциите да ја вклучат Медиумската писменост во образованието

Виолета Глигороска, програмска координаторка во Фондација „Метаморфозис“, порача дека е потребно резултатите и заклучоците од овие истражувања да бидат препознаени и од страна на институциите, а промовираните образовни алатки да станат дел од нагледните средства при унапредување на предметот Медиумска писменост во формалното образование.

„Бирото за развој на образованието (БРО) не ја препознало можноста да ги употреби и да ги земе предвид материјалите од Центарот за ААВМУ – Крива Паланка и да ги дистрибуира до училиштата за да бидат употребени како нагледни средства и како можна алатка за понатамошна едуакција, не само на овие млади средношколци и основци кои биле образовани неформално, туку ова можело да се сподели и на ниво на меѓуопштинска соработка низ целата држава“, истакна Глигороска.

Таа додаде и дека е забележан незапаметен интерес за материјалите за медиумската писменост кои биле продуцирани од грантистите во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“.

„Свесни сме дека Медиумската писменост не смее, не треба и не е само еден предмет. Таа е една мултидисциплинарна област за која е потребно вклучување на многу чинители и од страна на државните институции, цивилниот сектор и медиумските експерти, за да се постигне еден збирен и мултидисциплинарен пристап кон младите, основците и средношколците за тоа во која насока и како да го унапредиме медиумскиот сектор, а со самото тоа и медиумското образование во основните и средните училишта“, порача Глигороска.

Сподели: