Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис го поддржува процесот на донесување на сеопфатна и долгорочна Национална стратегија за ИКТ 2021-2025 со придружен Акциски план, со којa ќе се обезбеди поефикасно утврдување на приоритетните области во ИКТ-секторот и ќе се подготви Република Северна Македонија (РСМ) за сестрана и агилна дигитална иднина. Главниот фокус на Стратегијата и Акцискиот план е соочувањето со предизвиците што ги наметнува сѐ поголемата потреба од поврзување во општеството, зајакнувањето на конкурентноста и овозможувањето секојдневниот живот на граѓаните и бизнисите да биде попаметен.
Врз основа на своите досегашни искуства и специјалистичка експертиза развиени преку проектите и иницијативите Национална стратегија за развој на информатичко општество (2004-2005), Безбедно на интернет (2007-денес), Слободна култура – Криејтив комонс, Отворен пристап до академски содржини и европската мрежа Комунија (2007-денес), истражувањето Употреба на компјутери во образованието (2010), Отворени образовни ресурси (2012-денес), Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк (2018-денес), Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA (2020-денес) и низа други претходни и тековни активности, тимот на Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во соработка и консултација со надворешни експерти направи кратки тематски анализи на нацрт-текстот на Национална стратегија за ИКТ 2021-2025 со придружен Акциски план, од неколку клучни аспекти, меѓу кои 1) приватност, 2) пристап на лица со попреченост, 3)дигитална инклузија и 4) родова еднаквост.
Првите три кратки тематски анализи беа претходно споделени истите може да се најдат тука. Четвртата кратка тематска анализа, односно анализата од родов аспект, ја споделуваме во продолжение, а за да ја преземете на вашиот дигитален уред, може да го сторите тоа со кликнување на темата погоре.
Препораки за нацрт-Националната ИКТ стратегија 2021-2025 и придружниот Акциски план поврзани со родова еднаквост
Предизвикот за градење на општествен модел заснован на родова еднаквост треба да оди заедно со напори за проширување на пристапот на жените и употребата од нивна страна на ИКТ како начин да се демократизираат информациите, комуникациите и учеството на жените во генерација на знаење.
Дигиталниот родов јаз се состои од три дела: 1) пристап до и користење на дигитални технологии и интернет; 2) развивање вештини потребни за користење на дигиталните технологии и вклучување во нивниот дизајн и производство; 3) унапредување на видливо женско лидерство и имање одлучувачки позиции во дигиталниот сектор.
Во продолжение се препораките за нацрт-текстот на Националната ИКТ стратегија 2021-2025 и Акциски план за вклучување на родовата перспектива:
- Во воведниот дел на Стратегијата, во делот каде што се упатува на тоа дека пандемијата на Ковид-19 повеќекратно ја зголеми потребата од дигитални практики (стр. 7) и каде што се укажува на разоткривањето на ограничувањата во оваа сфера да се нагласи дека тоа посебно се одрази врз жените, особено руралните жени, самохраните мајки, жените од пониските социјални слоеви, претставничките на одредени етнички заедници (како на пр. Ромките) кои немаат пристап ниту пак знаење за користење на овие технологии.
- Заложбата за инклузивна дигитална влада треба конкретно да ги наведе целните групи и начините на кои ќе ги вклучи нивните интереси и потреби со оглед на тоа дека сите тие имаат различни и специфични потреби и интереси.
- Владата при формирањето на висококвалификуваниот тим од приватниот и од јавниот сектор во рамките на Централната дигитална агенција на Северна Македонија (ДАСМ) треба да обезбеди рамноправна застапеност на професионалки (жени) од областа на ИКТ и постојано да промовира можности за жени и девојки за СТЕМ. Следствено Владата да обезбеди и рамноправна родова застапеност во Управниот одбор (УО) и Надзорниот одбор (НО) на ДАСМ.
- Во функционалниот домен на доброто управување (владеење) на ДАСМ да се воведат принципи и практики за постојано промовирање на безбедна и отворена организациска култура која не ги дискриминира жените во ИКТ секторот туку ги промовира и штити од мобинг и сексуално вознемирување.
- Во делот на собирање податоци, да се собираат родово-разделени податоци, обврска која произлегува од Законот за еднакви можности на жените и мажите[1]. Ова посебно се однесува на активноста наведена во Акцискиот план за обезбедување дигитални уреди за ранливите категории на граѓани при што е потребно да се разделат податоците и по возраст, етничко потекло, општини и специфични потреби за да се види влијанието на активноста и да се осигура дека упатува на вистински потреби.
- При осмислувањето, развивањето, тестирањето, примената, обезбедувањето, работењето, одржувањето и поддршката на услуги за граѓаните, да се развијат услуги специфични за потребите на жените како што е е-услуга за родителско отсуство, за пријавување родово-базирано насилство, за пријавување деца во училишта и градинки и сл. и притоа да можат да се следи статусот на барањето за услуга во реално време Се бара осмислувањето на овие е-услуги да биде во соработка со самите кориснички како и со граѓанскиот и деловниот сектор.
- Дигиталното зајакнување треба да биде насочено кон и да опфаќа и специфични мерки за специфични групи и подгрупи граѓани затоа што тие имаат различни и специфични потреби. Тоа значи посебни мерки за девојчињата за поттикнување на разбирање, користење, но и создавање дигитални содржини; поттик и образование за повозрасните жени, руралните жени, за Ромките, самохраните мајки, жените со посебни потреби и останати, за користење е-услуги, но и за работа со дигитални алатки.
- Дополнително, зајакнувањето мора да работи на обезбедување служби (во живо) за поддршка за оние лица кои сакаат да користат е-услуги, но не знаат како (на пр. повозрасните жени, жените од руралните средини, помалку образованите жени и сл.). Треба да се има предвид дека овие служби треба да бидат лесно пристапни и широко достапни бидејќи голем дел од овие жени поради традиционаните обврски во семејството не можат да посетуваат интернет-клубови, кои најчесто се сметаат за места каде се собираат момчиња и мажи за да играат игри. Кон тоа се приклучува и стравот од можноста да ја уништат опремата и стравот од технологија, воопшто. Како можност е да се обезбеди градење на капацитетите на граѓанските организации кои работат директно со жените и се веќе запознаени со нивните потреби, а може понатаму да ја имаат улогата на мултипликатори каде што тие, со институционална и финансиска поддршка од институциите, ќе може да ја шират дигиталната писменост на жените и да работат директно со нив на развивање на нивните дигиталните вештини. Вакви успешни примери веќе има во Боливија.
- Ваквите практики можат да помогнат во градење подобро семејно поврзување со оглед на тоа дека голем дел од возрасното население има потомоци кои се иселени и со кои им е ограничена комуникацијата поради непозанавањето на технологијата.
- Зголемувањето на бројот на ИКТ-професионалци може да се направи не само преку правење на оваа професија попривлечна како кариерен избор и охрабрување на жените за нивно поголемо вклучување во овој домен туку преку конкретни активности за поддршка на девојчињата и младите жени да се насочат во оваа сфера. Тоа би опфаќало стипендии, прилагодување на наставните содржини да бидат родово сензитивни и без родови стереотипи, подобра обука на наставниците како лица кои можат да влијаат на знаењето и поттикот на лицата од женски род да се заинтересираат за ИКТ.
- Предвидената Коалиција за дигитално зајакнување мора да вклучува женски граѓански организации, деловни здруженија кои ги претставуваат потребите на жените претприемачи како и бизниси во сопственост на / и водени од жени со цел да се пренесат нивните специфични потреби во националната дигитална агенда.
- Државниот завод за статистика на РСМ при обезбедување поддршка за Владата на РСМ и националната коалиција преку изработка на прашалник за оценување на дигиталните вештини во земјата, да води родово-разделена статистика односно да собира родово-разделени податоци.
- Со цел да ја подигне свеста за важноста од надградување на дигиталните вештини Владата треба да развие специфични услуги, потребни на различните групи граѓани со цел да им го разбуди интересот за користење. Мобилни апликации за пријавување родово-базирано насилство или за информирање за бројот на места во градинка и онлајн пријавување сигурно ќе ги заинтересираат жените за користење.
- Образованието и надградувањето на знаење за дигитални вештини мора да го земе предвид родовиот јаз и да се насочи кон вклучување на што повеќе девојчиња и жени во тој процес. Треба да се има предвид дека не е доволно да се насочат активности кон невработените лица (како што наведува Стратегијата) туку да се идентификуваат лицата (пред сè, жените) кои воопшто не се пријавуваат во АВРМ и преку граѓанскиот сектор да се допре до нив.
- Кибер-безбедноста да не се разгледува само во контекст на дигиталните услуги од Владата туки да се насочи и кон обезбедување безбедност и казнивост на делата на пр. внесување на онлајн вознемирување во кривичниот законик како кривично дело на пр. споделување нечии лични податоци и/или слики, видеа со цел да се наштети (doxing), практика на која најчесто цел се жените, често пати вклучувајќи и одмазничко порно (revenge-porn).
- Во контекст на поддршката за истражување и иновации, Владата да поттикне и да обезбеди поддршка на истражувачки и на жени во СТЕМ. Поддршката обезбедена од Центарот за дигитални иновации за новооснованите високопотенцијални стартап и спиноф-компании да ги вклучи оние основани од девојки/жени.
- Носењето на комуникациска стратегија и планирањето на промотивните активности мора да оди рака под рака со понуда на родово-специфични услуги и услуги кои ќе бидат лесно разбирливи за користење, а истовремено ќе обезбедат заштита на приватноста.
Генерална препорака за нацрт-текстот на Националната ИКТ стратегија 2021-2025:
Текстот на Стратегијата да се прилагоди со јазик кој ја отсликува сопственоста на Владата на Република Северна Македонија на истата. Во моментов текстот упатува на тоа дека е преземен од анализа/извештај на состојбата со ИКТ во државата со вклучени препораки и добри практики, а притоа не одразува сопственост (ownership) искажана од страна на Владата која ги согледува и препознава предизвиците кои ги прикажува Стратегијата, и планира стратешки и институционално да пристапи кон нивно решавање.
Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис продолжува активно да работи во областа на унапредувањето на човековите права и општествената отчетност кои се и дел од стратешките определби на Фондацијата.
[1] Сл.весник на РМ бр.6/2012 и 166/20014
Сподели: