Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис го поддржува процесот на донесување на сеопфатна и долгорочна Национална стратегија за ИКТ 2021-2025 со придружен Акциски план, со којa ќе се обезбеди поефикасно утврдување на приоритетните области во ИКТ-секторот и ќе се подготви Република Северна Македонија (РСМ) за сестрана и агилна дигитална иднина. Главниот фокус на Стратегијата и Акцискиот план е соочувањето со предизвиците што ги наметнува сѐ поголемата потреба од поврзување во општеството, зајакнувањето на конкурентноста и овозможувањето секојдневниот живот на граѓаните и бизнисите да биде попаметен.

Врз основа на своите досегашни искуства и специјалистичка експертиза развиени преку проектите и иницијативите Национална стратегија за развој на информатичко општество (2004-2005), Безбедно на интернет (2007-денес), Слободна култура – Криејтив комонс, Отворен пристап до академски содржини и европската мрежа Комунија (2007-денес), истражувањето Употреба на компјутери во образованието (2010), Отворени образовни ресурси (2012-денес), Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк (2018-денес), Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA (2020-денес) и низа други претходни и тековни активности, тимот на Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во соработка и консултација со надворешни експерти направи кратки тематски анализи на нацрт-текстот на Национална стратегија за ИКТ 2021-2025 со придружен Акциски план, од неколку клучни аспекти, меѓу кои:

Кратките тематски анализи ги споделуваме во продолжение, а за да ги преземете на вашиот дигитален уред, може да го сторите тоа со кликнување на темите погоре.

 

 

Препораки за нацрт-Националната ИКТ стратегија 2021-2025 и придружниот Акциски план поврзани со правото на приватност

(препораките се дадени во контекст на спроведување на Закон за заштита на личните податоци (Сл.весник на РСМ бр.42/20) и Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR-General Data Protection Regulation 2016/679)

 

  • Во процесот на зајакнување на ИТ капацитетите на институциите, освен ИТ професионалците, клучен човечки ресурс кој треба сериозно да се планира е и Офицерот за заштита на личните податоци. Улогата на Офицерот за заштита на личните податоци е издигната на повисоко ниво каде стручноста и независноста се на прво место. За да обебзедат ефикасност во исполнувањето на обврските, институциите се должни да обезбедат дека Офицерот за заштита на личните податоци на соодветен начин и навремено е вклучен во сите прашања поврзани со заштитата на личните податоци и да му дадат поддршка при извршувањето на работите, обезбедувајќи му ги сите неопходни ресурси и пристап до личните податоци и операциите на обработка.
  • При дефинирањето на инфраструктурата на централниот безбеден податочен центар, особено во делот на преземањето на сите апликации на сите министерства, агенции, институции, универзитети и болници, треба да се има предвид дека голем дел од постоечките апликации не ги имаат вградено начелата за заштита на личните податоци. Секоја институција која има апликација преку која се обработуваат лични податоци треба истата да ја анализира, оцени и задолжително да ги усогласи нејзините функционалности со Законот за заштита на личните податоци пред воопшто да ја предаде во податочниот центар. Неусогласени збирки на лични податоци, апликации и останати е-алатки можат само дополнително да го ослабнат системот за безбедност и заштита на личните податоци, а со тоа да ја доведат во прашање и безбедноста на самиот централен податочен центар.
  • Постои суштинска разлика помеѓу е-услугите на институциите кои претставуваат алтернативен начин за добивање на услугата (а не доплнителна услуга која граѓаните не би можеле инаку да ја добијат) и оние услуги кои се единствено достапни на граѓаните на електронски начин (и истите граѓаните не можат да ги добијат на поинаков начин). Ова е клучно прашање кое задолжително мора да се земе предвид во централизирањето на испораката на е-услуги. Кај услугите кои се единствено достапни на граѓаните на електронски начин, принципите за „само еднаш“ и избор на канал ќе мора да се ревидираат и да се преоцени нивната примена.
  • Носењето на комуникациска стратегија и планирањето на промотивните активности не смее да биде форсирано пред претходно да биде проверено дали постоечките е-услуги се поткрепени со Политики за приватност, дали се испочитувани сите начела за заштита на приватноста при обезбедувањето на е-услугата и дали институциите имаат дефинирано начин и канали по кои граѓаните можат да побараат остварување на нивното право на приватност.
  • Владата треба да се осигура дека работата на секое министерство, орган во состав, институција, јавно претпријатие кое нуди е-услуги е усогласена со Законот за заштита на личните податоци. Ова особено заради фактот што принципот на Безбедност по дизајн се однесува на нови услуги, алатки, апликации, а не на постоечките за кои е очекувано да бидат редефинирани согласно начелата на Законот за заштита на личните податоци.
  • Владата треба да осигура дека секоја институција која нуди е-услуги ги почитува принципите на „законитост, правичност и транспарентност“; „ограничување на целите“; „минимален обем на податоци“; „точност“; „ограничување на рокот на чување“; „интегритет и доверливост“ и „отчетност“.
  • Во контекст на воспоставување на Центар за побезбеден интернет за деца, Владата треба да го поддржи процесот на транспонирање на Директива (ЕУ) 2016/680 на Европскиот парламент и Советот за заштита на физичките лица во однос на обработката на личните податоци од страна на надлежните тела за цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривичните дела или за извршување на кривичните санкции и за слободното движење на овие податоци со која се обезбедува користење на технолошки средства од страна на полицијата кои не се инвазивни по приватноста. Оваа директива е вториот клучен пропис, покрај Општата регулатива за заштита на личните податоци (General Data Protection Regulation – GDPR) во областа на заштитата на личните податоци која треба да биде дел од националното законодавство.
  • При креирањето на нови е-услуги или алатки, особено за услуги за чие обезбедување нема законски пропишана процедура (како што се на пример, СтопКорона, вакцинација.мк, МОЈ ДДВ), Владата треба да ги поддржи институциите во процесот на спроведување на анализа и проценка на влијанието по приватноста како задолжителен прв чекор пред воопшто да се одлучи да се креира самата е-услуга или алатка.
  • Односот помеѓу Владата и останатите субјекти треба да биде јасно дефиниран и да се знае кој субјект во кој момент се јавува во улога на обработувач на личните податоци, корисник на личните податоци или трета страна. Овој однос задолжително мора да се регулира со посебни договори помеѓу институциите, а кој се однесува исклучиво на обезбедувањето на мерките за заштита на личните податоци.
  • Владата треба да донесе методологија за детекција, пријавување и санирање на безбедносни инциденти поврзани со нарушувањето на безбедноста на личните податоци на граѓаните при користењето на е-услуги или алатки. При тоа, повторен пристап до податоците предмет на инцидентот треба да биде обезбеден без исклучок.
  • Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) треба да биде активно вклучена во спроведувањето на стратегијата за ИКТ. Освен како ресурсен центар на знаења и практики, АЗЛП во голем број од активностите ќе треба да даде свое мислење, одобрување и насоки, па затоа нивната инволвираност е суштинска за да се обезбеди процес кој ќе го поддржи спорведувањето на Законот за заштита на личните податоци во секој аспект.

 

Препораки за нацрт-Националната ИКТ стратегија 2021-2025 и придружниот Акциски план поврзани со пристапност од страна на лицата со попреченост

Во периодот од 01 Јули до 12 Јули 2021 година, спроведена е детална анализа за пристапноста на лицата со попреченост при имплементацијата на стратегиите опфатени во Нацрт Национална Стратегија за ИКТ 2021-2025 и Нацрт Акциски План на Национална Стратегија за ИКТ 2021-2025 од страна на лице со телесна попреченост. Анализата траеше 8 работни денови каде што беа опфатени сите елементи кои ги содржи Нацрт Национална Стратегија за ИКТ 2021-2025 и Нацрт Акциски План на Национална Стратегија за ИКТ 2021-2025.

Во анализата беа опфатени повеќе видови на попреченост присутни во населението на Република Северна Македонија, меѓу кои се лица со делумно или целосно оштетен слух, лица со делумно или целосно оштетен вид и лица со телесна или ментална попреченост.

При правењето на самата анализа, произлегоа неколку прашања и забелешки околу потребите и можностите на лицата со попреченост и адресирањето на нивните специфични потреби.

Во делот на “Зајакнување на наставните програми за ИКТ во образовниот систем” Владата на Република Северна Македонија (РСМ) тврди дека ќе ги насочи своите напори кон развивање на ИКТ-настани и саеми за кариерна ориентација со цел да привлече што поголем број студенти во ИКТ- секторот. Меѓутоа, тука произлегува прашањето дали Владата ги зема предвид лицата со попреченост во напорот за привлекувањето на студенти во ИКТ-секторот?

Доколку се земе предвид моменталниот образовен дигитален систем во ИКТ-секторот, може да се каже дека не е доволно пристапен за повеќето лица со попреченост и претставува еден вид дискриминација затоа што ја одзема можноста на овие лица за напредок и дигитализација, особено во овој сектор.

За да се постигне целта на Владата на РСМ и да се опфатат лицата со попреченост во стратегијата за привлекување на повеќе студенти во ИКТ-секторот, потребно е да се направат фундаментални промени во самата дигитализација на образовниот систем за лицата со различен тип на попреченост да бидат во можност самостојно да пристапат до сите дигитални алатки, без разлика на нивните специфични потреби.

Во таа насока, иницијативата за “обезбедување лесен пристап до услугите за сите категории корисници, вклучително и за постарата популација и лицата со посебни потреби, како и постојана проверка на усогласеноста на дизајнот на јавната веб-локација со упатствата и адаптивните технологии на Иницијативата за веб-пристапност” е во добар правец. Следствено на тоа се препорачува по истиот принцип да се направи ревидирање на постоечките веб-страници на државните институции и е-услуги / дигитални алатки кои ги нудат во сите области, како и нивно приспособување кон потребите на лица со посебни потреби да им се овозможи активно и информирано учество во општествените процеси.

Предходно споменатото прашање воопшто не беше образложено во ниеден аспект на образовната дигитализација за лицата со попреченост на Нацрт Националната Стратегија за ИКТ 2021-2025 и Нацрт Акциски План на Национална Стратегија за ИКТ 2021-2025.

Наредното прашање кое се отвори при правењето на анализата беше насочено кон ДАСМ или “Дигитална агенција на Северна Македонија”. Владата на РСМ најавува дека ќе основа, преку официјална законска процедура, централна Дигитална агенција, која ќе представува нова можност за отварање на нови работни места.

Доколку агенцијата формира висококвалификуван тим од приватниот и од јавниот сектор и понуди модерна, атрактивна работна околина и искуство, прашање е дали истата ќе биде приспособена и овозможена за лица со попреченост кои би биле квалификувани за одредена позиција во ДАСМ.

При правењето на самата анализа е воочено дека во Нацртот не е потенцирана можноста за спроведување инклузивност во работното место каде што луѓето со различни видови на попреченост би ги имале истите можности за напредување и самостојна работа како и нивните соработници.

По извршување на оваа анализа утврдено е дека потребите на лицата со попреченост не се доволно опфатени во Нацрт Национална Стратегија за ИКТ 2021-2025 и Нацрт Акциски План на Национална Стратегија за ИКТ 2021-2025 на Република Северна Македонија. Ова доведува до систематска дискриминација и поделба и се спротиставува на заемните принципи и цели на Владата на РСМ.

 

 

Препораки за нацрт-Националната ИКТ стратегија 2021-2025 и придружниот Акциски план поврзани со дигитална инклузија

(препораките се дадени врз основа на Опсерваторија за Дигиталната агенда – Извештај за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија од 2020 год. и од 2021 год, и во контекст на дигитална инклузија)

 

  • Иако се настојува сите е-услуги од институциите да бидат поставени на Националниот портал за е-услуги (Порталот), одредени е – услуги самостојно ги обезбедуваат институциите. Се препорачува сите државни е-услуги кои ги нудат институциите на национално и локално ниво, да се централизирани на едно место, односно да се нудат преку Порталот. Понатаму, во рамки на Порталот препорачливо е да се обезбеди унифицирана база со сите податоци за е-услуги (информации за бројот на регистрирани корисници сегрегирани по правни и физички лица, информации за најбараните односно најкористени услуги од граѓаните и компаниите, информации за број на испорачани е-услуги, податоци кои произлегуваат од мерење на задоволството на корисниците, итн.). Оваа база понатаму ќе може да се користи од страна на институциите, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, итн. во поглед на донесување на одлуки, креирање на длабински истражувања и стратегии, како и креирање на иновативни ИТ решенија.
  • Иницијативата “ДАСМ (Дигитална агенција на Северна Македонија) постепено ќе воведе комплетни услуги за крајните корисници за главни животни настани преку интегрирање на испораката на услуги од различни сопственици на податоци, со помош на постојната Рамка за интероперабилност. До крајот на 2025 година, во функција ќе бидат ставени најмалку пет вакви услуги.” е голем исчекор во добар правец. Паралелно на тоа, се препорачува воспоставување на план за транзиција, односно, целосна дигитализација на точно одредени услуги, со точно определени рокови во кои постепено ќе се ограничува шалтерската опција за таа услуга, кон нејзино целосно укинување. Истовремено потребно е на граѓаните да им се даде интензивна подршка во таа насока.
  • При воведување на иновации, се препорачува институциите да се стремат кон обезбедување на нивна одржливост и практичност по одреден временски период, поради што е потребно да се обезбеди соодветна грижа за нивната постојана функционалност. Во таа насока, потребно е да се зајакне соработката со граѓанскиот сектор во областа „Истражување и иновации“.
  • Во однос на градење свест за порталот на е-Влада и е-услуги, и заложбата “до 2022 година треба да се донесе кохерентна комуникациска стратегија и акциски план, со цел да се зголеми видливоста на услугите што им се на располагање на граѓаните”, се препорачува во креирањето на овие стратешки документи да биде вклучен и граѓанскиот сектор кој е мост помеѓу граѓаните и институциите, и кој најдобро ги разбира потребите на граѓаните. Понатаму, се препорачува спроведувањето на стратегијата да биде поддржано од силен маркетиншки тим за полесно да се постигне подигањето на колективната свест за Порталот и на тој начин да се намали скептицизмот кон е-услугите. Во иста насока, се препорачува Владата да назначи говорник (spokesperson) кој редовно ќе известува за напредокот во однос на спроведувањето на Дигиталната Агенда (ДА) и активностите поврзани со неа, и кој граѓаните ќе го препознаваат во тој контекст. Ова е исто така неопходно за да се подигне јавната свест за придобивките од ДА, како и истата да се приближи повеќе до граѓаните. Во таа насока потребно е и да се промовираат активностите и соработката под ИСА2, односно резултатите од спроведувањето на ДА директно да се поврзат и со идното членство на Република Северна Македонија (РСМ) во Европската унија (ЕУ).
  • Во добар правец е и заложбата за зајакнување на дигиталните вештини во јавни простори преку обезбедувањето пристап до ИКТ (поврзливост, опрема, но исто така и човечки ресурси за поддршка на населението) во јавните инфраструктури и простори, преку развивање на улогата на јавните библиотеки со цел подобрување на дигиталната вкллученост, управување со 18 интернет-клубови низ целата земја и истражување на улогата што ќе ја има идната мрежа за една точка на услуги, како и развивање ИКТ-услуги во јавните простори за да може секој граѓанин на РСМ да има на располагање средства и начини за надградување на своите дигитални вештини. Во поглед на обезбедување дигитални уреди за ранливи категории на лица и собирањето и обновувањето на дигитални уреди за дистрибуција до лица кои се квалифицирани за да добијат таква помош, препорачливо е да се консултираат иницијативи кои ја извршуваа оваа улога волонтерски за време на КОВИД-19 пандемијата (пр. Донирај компјутер) во поглед на размена на искуства и можности за синергија.
  • Во поглед на премостувањето на дигиталниот јаз што постои меѓу еден дел од населението и општеството кое веќе живее во дигитален свет како и оние кои не поседуваат никаква дигитална опрема, се препорачува да се обезбеди градење на капацитетите на граѓанските организации и медиумите за информирање и едукација на граѓаните за Дигиталната агенда и придобивките од истата. Граѓанските организации, како главни точки кои работат директно со граѓаните и веќе се запознаени со нивните потреби, може понатаму да ја имаат улогата на мултипликатори каде што тие, со институционална и финансиска поддршка од институциите, ќе може да ја шират дигиталната писменост на населението и да работат директно со граѓаните на развивање на нивните дигиталните вештини.
  • Во рамки на изградба на дигитални вештини кај сите граѓани, треба да се планира и развој на едукативна програма на повеќе нивоа (основно, средно, напредно) кои би се комуницирале соодветно на возраста, менталниот капацитет и стручноста на граѓаните од сите сфери. Покрај развивањето на дигиталните вештини преку формалното образование (предучилишно, училишно, средно, високо образование), препорачливо е да се креираат и програми за доживотно учење за да се опфатат граѓани кои што не се дел од формалното образование.

Нагласуваме дека дигиталната инклузија мора да еволуира заедно со еволуирањето на новите технологии, што исто така подразбира инвестирање во намалување и отстранување на историски, институционални и структурни бариери за пристап и користење на технологиите.

Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис продолжува активно да работи во областа на унапредувањето на човековите права и општествената отчетност кои се и дел од стратешките определби на Фондацијата, и воедно продолжува да ги анализира нацрт-Национална стратегија за ИКТ 2021-2025 со придружен Акциски план на најмалку уште една тема – родова еднаквост.

Сподели: