Истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, покажа дека степенот на отвореност на извршната власт во Македонија е на најниско ниво споредбено со Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
Анализата „Отвореност на институциите на извршната власт во регионот и Македонија – Предлози за подобрување на моменталната состојба“ е направена врз основа на информации добиени од веб-страниците на институциите, законската регулатива, подзаконските акти и прашалници испратени до институциите.
На денешната прес-конференција во просториите на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, беше презентирана самата анализа, како и препораки за подобрување на моменталната состојба со отвореноста на институциите во земјава.
Резултатите покажуваат дека просечната отвореност на извршната власт, вклучувајќи ја владата, министерствата и другите извршни органи, во регионот изнесува 47%, додека во Македонија нивото на отвореност изнесува 36% од индикаторите.
Иако Македонија стана дел од иницијативата Отворено владино партнерство уште во август 2011 година и државата вети дека постојано ќе ги подобрува темелите на отворени, транспарентни, ефективни и ефикасни државни институции кои комуницираат и соработуваат со граѓаните, сепак повеќе треба да се работи на имплементацијата на преземените обврски.
Според индексот, отвореноста само на Владата на Република Македонија, не вклучувајќи ги министерствата и извршните органи, е исто така на последно место во регионот и изнесува само 52% исполнување на индикаторите.
Ова значи дека многу треба да се работи во иднина, да се подобри практиката на достапноста на информациите поврзани со работата на Владата, трошењето на буџетот, постапките за јавните набавки и објавување на договорите и прилозите кон договорите, подобрувањето на активната транспарентност, подобрување на пристапот до информациите преку механизмот за јавни расправи и зајакнување на партиципативноста на заинтересираните страни во креирањето политики, спроведување на етичките кодекси, механизми за превенција на корупцијата, како и мониторинг и евалуација на политиките кои ги спроведуваат институциите.
Отвореноста на министерствата исто така е најниска во регионот и исполнува само 32% од индикаторите. Најслабо рангирано министерство според отвореноста е Министерството за одбрана, а највисоко котира Министерството за труд и социјална политика.
Отвореноста на другите извршни органи, пак, е на ниско ниво во сите држави во регионот и варира од 17 до 49%. Отвореноста на извршните органи во Македонија е оценета со 25%. Најголем дел од другите извршни органи не ги објавуваат податоците поврзани за буџетот на институцијата, па затоа севкупната оценка за буџетската транспарентност е 13%.
Оваа анализа претставува резултат на опсежно истражување, базирано на научна метода, спроведено од членовите на мрежата ACTION SEE во текот на претходните неколку месеци. Целта на нашите активности е да се утврди вистинската состојба во регионот преку објективно мерење на отвореноста на извршната власт и да се адресираат препораки за нејзино подобрување. Исто така, цел е да се подобри почитувањето на принципите на доброто владеење, каде отвореноста зазема мошне важно место.
Регионалниот индекс на отвореност го мери степенот до кој институциите од земјите на Западен Балкан се отворени за граѓаните и општеството, а се базира на следниве четири принципи: 1) транспарентност, 2) достапност, 3) интегритет и 4) ефективност.
Со следење на меѓународните стандарди, препораки и примери на добри практики, овие принципи се дополнително развиени преку специјални квантитативни и квалитативни индикатори, кои се оценети врз основа на: достапноста на информации на официјалните веб страници на институциите, квалитетот на правнатата рамка во индивидуални случаи, други извори на јавно информирање и прашалници доставени до институциите. Преку околу 80 индикатори по институција, измерена е и анализирана отвореноста на 274 институции на извршните власти во целиот регион и собрани се околу 15.000 парчиња податоци во врска со институциите.
Истражувањето е спроведено регионално во шест земји од Западен Балкан (Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина) во периодот од октомври до декември 2016 година. Во Македонија се анализирани 112 институции, меѓу кои како дел од извршната власт се анализирани Владата, 15 министерства и 39 извршни органи. Вакви истражувања ќе се повторат во 2017 и 2018 година со цел да се воочи прогресот или регресот во степенот на отвореност на институциите, по што ќе произлезат препораки за властите.
Анализата: „Отвореност на институциите на извршната власт во регионот и Македонија – Предлози за подобрување на моменталната состојба“ претставува активност во рамки на проектот „ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа“ имплементиран со финансиска поддршка на Европската Унија и проектот „Користење на нови медиуми за промоција на владината транспарентност“ имплементиран со финансиска поддршка од NED – National Endowment for Democracy.
Проектот ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа е спроведуван од Фондација Метаморфозис во партнерство со Westminster Foundation for Democracy од Велика Британија, CRTA – Center for Research, Transparency and Accountability од Србија, Citizens Association Why not? од Босна и Херцеговина, Center for Democratic Transition од Црна Гора, Open Data Kosovo (ODK) од Косово, и Levizja Mjaft! од Албанија.
Целта на проектот е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.
Сподели: