Претставници на ACTION SEE мрежата учествуваа на VIII меѓународна научна конференција „Социјални девијации“ што во периодот 23-24 јуни 2023 година се одржа во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Темата на овогодинешната конференција беше Право на здравје и образование: универзални човекови права.

Универзалната декларација за човекови права зборува за две универзални човекови права – правото на здравје (член 25) и правото на образование (член 26). Според оваа декларација, правото на здравје подразбира дека секој има право на животен стандард кој обезбедува здравје и благосостојба за него и за неговото семејство, вклучувајќи храна, облека, домување и медицинска нега и неопходни социјални услуги, како и право на осигурување во случај на невработеност, болест, инвалидитет, старост или други случаи на губење средства за издржување поради околности независни од неговата волја. Мајките и децата имаат право на посебна грижа и помош. Сите деца, родени во брак или вонбрачно, уживаат еднаква социјална заштита. Правото на образование нагласува дека секој има право на образование. Образованието треба да биде бесплатно, барем во основните и во средните училишта. Основното образование е задолжително. Техничкото и стручното образование треба да бидат подеднакво достапни за сите врз основа на нивните способности. Образованието треба да биде насочено кон целосен развој на човековата личност и консолидација на почитувањето на човековите права и основни слободи. Образованието треба да промовира разбирање, толеранција и пријателство меѓу сите народи, расни и религиозни групи, како и активностите на Обединетите нации за одржување на мирот.

Темата на овогодинешната конференција тргнува од различни дилеми и прашања како што се: Дали знаеме што е пропишано со Универзалната декларација за човекови права? Како да ги обезбедиме овие права на национално и глобално ниво? Какви здравствени предизвици носи сегашноста и иднината? Какви образовни иновации заслужуваат новите генерации? Кои се правните аспекти и принципи кои обезбедуваат имплементација на овие универзални права во општеството? итн.

Сподели: