Фондација Метаморфозис беше дел од завршната конференција за ЕУ твининг-проектот „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“ што се одржа на 07.10.2022 во хотелот Мериот во Скопје. На оваа конференција, беа презентирани постигнатите резултати од проектот и беа споделени различни перспективи кон актуелната состојба и идниот развој на правниот, институционалниот и општествениот контекст на заштитата на личните податоци.
Весна Радиновска од Фондација Метаморфозис, заедно со претставници на проектните партнери, експерти од областа на заштита на личните податоци, државни институции и бизнис заедницата, учествуваше на панел-дискусијата „Безбедност на личните податоци“.
Таа истакна дека градењето култура на заштита на приватноста и заштита на личните податоци бара многу време, труд и ресурси и дека не е во ред да се очекува од институциите сами да се справуваат со тој предизвик. Радиновска сподели дека токму граѓанските организации имаат клучна улога во овие процеси и дека Фондација Метаморфозис, со поддршка од Европската унија, го спроведува проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“. Преку овој проект, Метаморфозис ќе спроведува обуки за офицери за заштита на лични податоци и ИТ-кадар во јавни институции, претставници на граѓанските организации и бизнисите. Целта на овие обуки е да се промовира и олесни примената на Законот за заштита на лични податоци од сите засегнати страни, а добредојден е секој што сака да се вклучи. Во рамки на проектот, се спроведува и посебна кампања за подигнување на свеста на граѓаните за правата што ги имаат како субјекти на лични податоци.
Сподели: