Денес, во рамки на проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA”, ко-финансиран од Европската Унија, Фондација Метаморфозис одржа настан Дијалози за Дигитална агенда: Сè што сакавте да знаете за вештачка интелигенција, посветен на разбивање на митовите поврзани со вештачка интелигенција со цел да се унапреди знаењето и подигне свеста кај граѓаните за придобивките од користењето на истата во разни општествени област. Настанот собра над 300 учесници преку ZOOM каналот и Фејсбук стримингот во живо, и истиот може да го проследите во видеото подолу.
Видео снимка од Фејсбук стримингот во живо
Текстот во продолжение е целосно превземен од Мета.мк Новинска агенција и кон оргиналниот текст може да се пристапи тука.
Не треба да се плашиме дека вештачката интелигенција (ВИ) би можела целосно да го замени човекот, бидејќи таа може да биде само алатка што во некои работи ќе му олесни. Како што сите сега користиме компјутер и ни помага, така и ВИ може да биде алатка за да бидеме подобри. На пример, од докторите, оние што ќе ја користат како алатка ќе напредуваат. На наставниците може да им помогне во некои аспекти, слично како сега е-дневникот. Но не треба како општество да се плашиме дека ВИ ќе преземе сè, оти нема такви алгоритми што би го направиле тоа.
Вакво гледиште за вештачката интелигенција (ВИ) изрази Христијан Ѓорески, асистент професор за вештачка интелигенција и машинско учење на Факултет за електротехника и информациски технлогогии – ФЕИТ и извршен директор на Aidea Lab на денешната онлајн-дискусија за вештачката интелигенција. Дискусијата „Сè што сакавте да знаете за вештачка интелигенција“, која се одржа на платформата Зум и беше пренесувана и на Фејсбук, е во рамките на Дијалозите за Дигиталната агенда, коишто Фондација Метаморфозис ги организира во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” ко-финансиран од Европската Унија.
Покрај Ѓорески, за стравовите на луѓето од вештачката интелигенција, но и за сите ризици и придобивки од оваа алатка, како и за можните нејзини злоупотреби, пред сè од страна на луѓе или компании со лукративни интереси, зборуваа и Ивана Станковиќ, советничка во Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) и координаторка на работната група за Национална стратегија за вештачка интелигенција, потоа, како претставници од Семос Едукација и Илија Митров, софтверски инженер и практичар во полето на вештачка интелигенција и тренер на Академијата за вештачка интелигенција, Марко Серафимовски, менаџер во Семос Едукација, како и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис и член на Националниот совет за информатичко општество на Република Северна Македонија.
Доколку се преземат вистинските мерки и се работи на кадар, земјава би можела многу бргу да се вклучи во глобалните текови во ВИ и со тоа да донесе странски пари, да се стимулираат професионалци што би можеле да работат тука за странски клиенти.
„Ние сме земја во развој во која има паметни луѓе кои може да работат на развој на решенија за која било светска компанија. Решение што би го користеле сериозни земји… Оваа индустрија, светот, ќе чекаат такви решенија“, рече Марко Серафимовски од Семос Едукација.
Како што беше посочено подоцна во дискусијата, земјава сепак не е многу назад, оти има и кадар на универзитетите и заинтересирани студенти, а сега 5-6 компании работат на решенија од областа на ВИ.
Иако во голем дел од јавноста сѐ уште постои фама за вештачката интелигенција (ВИ), па дури и страв дека компјутерите и роботите би можеле да го освојат светот во иднина, реално малку се знае дека вештачката интелигенција веќе е широко присутна во нашите животи.
Речиси сите изобилно се изложени на вештачката интелигенција
Социјалните мрежи, Јутјуб, но и aпликации на мобилните телефони веќе имаат алгоритми на ВИ.
„Кога ќе отвориме лаптоп, секој пребарувач на пример, има ВИ, која учи што сме пребарувале, па така двајца различни луѓе ако гуглаат иста работа ќе добијат различни резултати во однос на тоа што алгоритмот има научено за корисникот. Секој клик, лајк, активност се регистрира и во зависност од тоа, ни се пласира содржина“, објасни Ивана Станковиќ од ФИТР.
Социјалните мрежи изобилно користат ВИ, а со тоа е присутен и стравот дека податоците што ги прибираат за машинско учење, односно за подобрување на ВИ, може да бидат злоупотребени и да биде нарушена приватноста. Токму поради тоа се преземаат мерки, како обидите на ЕУ да ја регулира областа за тоа да биде етички, појасни Ѓорески.
„Да нема стравови, постојат големи иницијативи на ЕУ тоа да биде етички, еве, за тоа што сум пребарувал, на пример. Моментно, до одредена мера, имаме фер практика како тие податоци се користат“, рече тој.
Ѓорески посочи и на уште една опасност од вештачката интелигенција. Односно, како што објасни, ако на Јутјуб гледате некое видео, ВИ на Јутјуб гледа што ви е интерес па ви предлага слични видеа, па може да се случи некогаш поради тоа и да потонете во содржини коишто на почетокот на гледањето можеби и не сте ги перцепирале, како дезинформации и теории на заговор.
„Присутна е опасноста поради тоа да се влезе во „меур на убеденост“, односно ако почнам да гледам видеа со теории на заговор, алгоритмот тоа ќе го види и ќе ми предлага такви содржини. Така лесно може да влезете во „меур“ на теории на заговор. Тоа е еден од најголемите проблеми што ги имаме“, објасни Ѓорески.
И приватноста е на коцка
На настанот особено беше потенцирана и потребата заради заштитата на човековите права и приватноста да се регулира и транспарентноста на работењето во полето на ВИ, за да се избегне опасноста од нарушување на правата, но и од злоупотреби на ВИ од страна на институции, компании или поединци.
Опасностите од злоупотребата на ВИ треба навреме да се предвидуваат и да се реагира за да не дојде до нарушување на правата за да може и да ги користиме придобивките од неа, но и да бидеме заштитени, порача директорот на фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари.
„Живееме во свет каде голем број податоци се споделуваат. Од тоа како се храниме, што сакаме, за кого навиваме, што гледаме на телевизија и не знаеме секогаш како тие податоци се користат. Затоа е важно да се регулира како ќе се користи ВИ, за да донесе добро за нашите животи и нашата животна средина. Најголеми се предизвиците за приватноста, што е суштинско за да се живее достоинствено. Затоа е потребна транспарентност на алгоритмите што се користат… Потребна е разновидност и вклучување што повеќе луѓе, што не мора да бидат инженери, туку само да дадат инпут за тие системи да не донесат погрешни одлуки да бидат дискриминирани“, порача Јашари.
Во Северна Македонија веќе се преземаат првични чекори за одредување на можностите за развој на ВИ, како и за изнаоѓање решенија за спречување на злоупотреби. Веќе следниот месец би требало да се одржи состанок на работната група за Национална стратегија за вештачка интелигенција, во која покрај власта би учествувале и експерти и невладиниот сектор. Од стратегијата се очекува не само да дефинира што треба да се прави за да се искористат сите придобивки од ВИ и да се привлечат странски пари, туку и да се посочи донесување соодветна регулатива која би спречувала и злоупотреби.