Вториот состанок на работната група за изготвување на Стратегијата за транспарентност се одржа на 13.4.2023 година, во просториите на Владата на Република Северна Македонија.

Фондација Метаморфозис активно соработува со Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, и во процесот на подготовка на Стратегијата за транспарентност, обезбедува експертска и финансиска помош. На средбата присуствуваа ангажираните експертки, Ирена Бојаџиевска и Наталија Шикова, претставници на повеќе министерства, државни органи, како и претставници на медиумски здруженија и граѓански организации.

Новата Стратегија за транспарентност на Владата со акциски план (2023-2026) треба не само да ги продолжи заложбите од претходната Стратегија, туку и да даде нови насоки и принципи за подобрување на транспарентноста на институциите. Преку зајакнување на транспарентноста на Владата и на органите, односно институциите кои одговараат пред неа, ќе се зголеми довербата на граѓаните и ќе се подигне нивото на демократизација на државата. Новата Стратегија за транспарентност предвидува олеснет пристап до услугите, но и зајакнување на отчетноста на институциите.

Фондација Метаморфозис изготви четири мониторинг извештаи од следењето на реализацијата на акцискиот план на претходната Стратегија за транспарентност со Акциски план (2019 – 2021), а беше дел и од работната група за изготовка на првата стратегија.

Временската рамка за изготовка на Стратегијата за транспарентност е достапна тука.

Објава на веб страницата на Владата на РСМ: Започна процесот на подготовка на Стратегија за транспарентност на Владата со Акциски план (2023 – 2026) и официјалната објава на ЕНЕР тука.

Решение за формирање на работна група за изработка на Стратегијата за транспарентност на Владата со Акциски план (2023-2026) е достапно тука.

Активностите се дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.

Сподели: