При секоја посета на веб-страница, првото нешто кое го воочувате е прозорчето за прифаќање на колачиња кои веб-страницата ги користи. Честопати ги прифаќате, без да им обрнете повеќе внимание, затоа што едноставно сакате да ја користите веб-страницата и да не губите време на дополнително читање. Но, што точно прифаќате и како може тоа да влијае на вашето искуство на интернет?
За подобро да разберете како колачињата влијаат на вашето искуство, прво треба да дознаете што се всушност колачиња.
Колачиња (cookies/HTTP cookies) се мали, текстуални датотеки кои се испраќаат од веб-страниците што ги посетувате и се зачувуваат на вашиот уред (компјутер, таблет или мобилен телефон). Колачињата се користат со цел да се олесни функционирањето на веб-страницата или да се запомнат вашите активности и преференции или за да се обезбеди персонализирана содржина на веб-страницата. При повторна посета на веб-страницата, тие ги читаат овие текстуални датотеки за да помогнат да се идентификува корисникот.
Колачињата можат да бидат колачиња кои ги поставува сопственикот на веб-страницата (first party cookies) или колачиња кои ги поставуваат трети страни, односно лица со кои сопственикот на веб-страницата е во директна или индиректна соработка (third party cookies), како, на пример, Google Analytics. Тие, исто така, можат да се поделат на постојани колачиња или на колачиња за единствена сесија.
Image by Christoph Meinersmann from Pixabay
Постојаните колачиња се оние кои се зачувуваат на вашиот уред трајно или за времетраење одредено од самото колаче и се користат при секоја посета на одредена веб-страница, додека пак колачињата за единствена сесија им овозможуваат на веб-страниците да ги поврзат дејствијата на корисникот за време на една сесија. Секоја сесија започнува кога корисникот отвора еден прозор на веб-прелистувач (како што се Google Chrome, Firefox, Safari и др.) и завршува кога истиот ќе се затвори.
Колачињата собираат најразлични информации. Во нивната основа, тие се наменети за три цели: менаџмент на сесијата, персонализација и следење. Преку менаџмент на сесијата, колачињата „запомнуваат“ кој дел од веб-страницата го посетувате или за кои информации сте најзаинтересирани. На пример, доколку отворите портал за вести, колачињата ќе запомнат дали повеќе време посветувате на бизнис вести, на спорт вести или на вести од политиката. Така, при вашата наредна посета на таа веб-страница, највоочливи, односно најдоминантни ќе бидат категориите вести кои највеќе сте ги читале или најчесто сте ги кликале.
Под персонализација се подразбира прилагодување на рекламите според активностите на корисникот кои се запомнуваат преку колачиња. На пример, доколку посетите веб-страница за храна за животни, повеќето реклами понатаму ќе ви бидат поврзани со животни или храна за животни.
Веб-страниците следат активности или категории кон кои пристапуваат корисниците. Страниците за онлајн купување, на пример, следат кои и какви производи бирате и ги зачувуваат тие информации, како и производите во вашата кошничка со цел полесно купување, но и како начин за рекламирање на исти или слични производи кои би ви се допаднале.
Заради тоа што колачињата собираат информации за корисникот, како што се неговата IP адреса, локација и др., а и самите служат како идентификатор за корисникот, Законот за заштита на личните податоци овие информации ги смета како лични податоци и ги задолжува сопствениците на веб-страници да побараат експлицитна согласност од корисниците пред да постават колачиња на нивните уреди. Исто така, сопствениците на веб-страниците се должни да истакнат политика за колачиња на самите веб-страници каде транспарентно ќе објаснат какви видови колачиња користат, како и која е намената на секое колаче.
Тие може да прават разлика помеѓу неопходни колачиња, односно видови колачиња кои овозможуваат поефикасно користење на веб-страницата – доколку се прифатат – и изборни колачиња, кои би се користеле за прибирање на дополнителни информации за корисникот, но кои корисникот може да одбере да не ги прифати, односно користи. Последица во случај на неприфаќање на колачињата би била опаѓање на квалитетот на корисничкото искуство при користење на веб-страницата.
Тогаш, зошто треба да се внимава? Односно, зошто е важно внимателно да се прочита политиката за колачиња на веб-страниците кои ги користите?
Политиката за колачиња ги содржи сите информации за тоа кој, во која мера, на каков начин и за кои цели ги користи вашите податоци. Како што е објаснето погоре, покрај ефикасноста на работење на една веб-страница, колачиња може да се користат за најразлични цели, како што се таргетиран маркетинг, собирање на бази на податоци, а некои дури може да содржат и компјутерски вируси. Особено треба да се внимава кога се пристапува на веб-страници кои бараат повеќе лични податоци за нивно користење, како што се име и презиме, адреса, телефонски број, адреса за е-пошта и слично. Во некои случаи, овие веб-страници или трети страни кои поставуваат колачиња на вашите уреди, можат и да си ги разменуваат или продаваат вашите информации, со тоа што вие несвесно сте ги прифатиле нивните услови и политика за колачиња и сте им овозможиле непречено да го прават тоа.
Оттаму, еден начин да се заштите од овие несакани ефекти при користење на веб-страници е внимателно да се прочита политиката за колачиња на секоја веб-страница и да се воочи за кои цели се користат вашите информации. Понатаму, доколку сакате да ги избришете веќе прифатените колачиња, секој интернет прелистувач дава таква можност во секое време (За повеќе информации како да ги избришете веќе прифатените колачиња, кликнете на следниот линк). Во случај вашите лични податоци и понатаму да се користат без ваша согласност, односно да се злоупотребуваат (повторно гледате реклами, понуди и слично од веб-страници без ваше одобрување), може директно да се обратите до офицерот за заштита на лични податоци кај сопственикот на веб-страницата, која ја врши оваа злоупотреба, чии информации треба да се истакнати на веб-страницата која сте ја посетиле или најмалку треба да е истакната електронска пошта за контакт, да го пријавите овој случај до Агенцијата за заштита на лични податоци на Република Северна Македонија или до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР на РСМ.
Основната намена на колачињата е поефикасно и полесно користење на веб-страници. Сепак, затоа што тие прибираат лични податоци на корисниците, можат да бидат злоупотребени или да се користат за цели спротивни на нивната намена. Затоа, многу е важно секој корисник да е информиран за намената на секое колаче и со својата (не)согласност целосно и безбедно да управува со начинот и целта за кои се користат неговите лични податоци при сурфање низ интернет просторот.
Автор: М-р Никола Димитров
Сподели: