Првата јавна расправа за нацрт – Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија (2023 – 2026 г.) ќе се одржи на 11 септември 2023 година со почеток од 12:00 часот во хотел “Холидеј Ин” во Скопје.
Стратегијата има за цел да ги поврзе и усогласи веќе донесените политики, кои на директен или индиректен начин имаат за цел да ја подобрат транспарентноста на институциите, но и да даде нови насоки за подобрување на транспарентноста на институциите. Со креирањето на овој стратешки документ, правилата за комуникација на институциите со граѓаните и начелото на транспарентност ќе бидат операционализирани и унапредени.
Нацрт-текстот е резултат на работата на работната група за подготовка на Стратегијата за транспарентност составена од претставници на граѓанските организации, медиумски и академски претставници и институции, што е дел од поддршката која Фондација Метаморфозис ја дава во рамки на соработката со Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење и преку проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.
Стратегијата за транспарентност на Владата со Акциски план е предвидена да биде спроведена во период од 2023-2026, и е замислена како продолжение на позитивните практики на соработка и активна транспарентност воспоставени со претходната Стратегија.
На јавната расправа предвидено е учество на претставниците на државните институции, на граѓанското општество, медиумските работници, бизнис секторот и сите заинтересирани, со што ќе се даде придонес кон финализирање на текстот на Стратегијата за транспарентност и Акцискиот план.
Активностите се дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.
Сподели: