Денеска се одржи третиот ден од меѓународната конференција е-Општество.мк, која што годинава се одржува по 17-ти пат и ја третира темата „Демократијата во дигиталната ера: предизвици и можности“. Денот беше одбележан со 2 вебинари кои се осврнаа на сајбер безбедност и на заштита на лични податоци во Северна Македонија.

 

Обука со наслов: Кибер безбедност – вообичаени митови и дезинформации

Уште еден повод за одржување на ваква обука претставуваа и Деновите на медиумска писменост, во организација на АВМУ и Мрежата за медиумска писменост, која за оваа година го имаше фокусот врз младите. Повеќе за активностите на мрежата можете да прочитате овде.

Обуката се обиде да одговори на најчесто поставуваните прашања и дилеми кои младите ги имаат во однос на кибер-безбедноста и сигурноста онлајн – што точно значи онлајн безбедност, дали има начини самите ние да се заштитиме додека комуницираме, соработуваме, или пак купуваме онлајн? Посебен фокус беше посветен на дезинформациите и најчестите митови кои постојат во однос на кибер-безбедноста, приватноста и природата на интернетот, и како тие наративи се (зло)употребуваат од разни заинтересирани страни за поддршка на нивните пораки.

Дали можеме да бидеме целосно безбедни онлајн? Тешко е да се каже дефинитивно, но знаејќи ги најчестите начини преку кои се нарушува нашата безбедност, и се повредува правото на приватност, можеме да започнеме да градиме пореалистична слика за интернетот денес, и повнимателно да донесуваме одлуки во дигиталниот свет.

 

Обуката со наслов: Сајбер безбедност и заштита на лични податоци

Заштитата на личните податоци или Општата регулатива за заштита на лични податоци (GDPR) е често употребуван термин веќе подолго време, но многумина ја игнорираат или не ја разбираат неговата вредност. На денешниот вебинар насловен “Како да се изгради силен и одржлив систем за заштита на приватноста”, учесниците имаа можност да се запознаат подлабоко со актуелниот Закон за заштита на личните податоци и механизмите во Северна Македонија од аспект на ГО и граѓаните. Преку вебинарот, на граѓанските организации им се понуди знаење и поддршка за нивно целосно усогласување со обврските што ги утврдува Законот, додека пак на граѓаните им се помогна да го разберат Законот и моќта на (зло) употребата на нивните лични податоци од страна на други субјекти, но и опасностите од споделување на туѓи лични податоци без претходна согласност.

Ве охрабруваме да го проследите последниот ден од конференцијата кој ќе се одржи онлајн преку ZOOM и во живо за регистрираните учесници, додека останата публика може да го проследи преку Facebook Live на Facebook страницата на Фондација Метаморфозис. Дознајте повеќе на https://e-society.mk/ .

 

Сподели: