Денес, 08.07.2020 година, се одржа првиот состанок на членовите на управниот одбор на ICEDA преку платформата ZOOM. Средбата беше насочена кон запознавање на членовите и назначување на заменик претседател на управниот одбор, но главно се дискутираше и оценуваше напредокот на проектот во почетната фазата. Исто така се дебатираше за претстојните активности и самата динамика на проектот.
На состанокот учествуваа членовите на управниот одбор или членови-заменици од сите партнери вклучени во проектот Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA, како и координатори на националниот проект од секоја од земјите.
Средбата започна со краток вовед и претставување на сите учесници присутни на состанокот и со едногласно назначување на Блерта Тачи од Отворени податоци- Косово за заменик претседател на управниот одбор. Потоа следуваше презентација од страна на националниот координатор на проектот од Метаморфозис за спроведените активности и активностите што се во тек на спроведување. Дискусијата продолжи со споделување на неколку успешни приказни и предизвици со кои се соочувал секој партнер при спроведувањето на проектот за време на пандемијата и изборните периоди во рамките на земјите од Западен Балкан. Главниот заклучок беше дека и покрај многуте пречки, немало поголеми назадувања и дека пандемијата успеа да ја зголеми важноста на целите на проектот бидејќи дигитализацијата се покажа како клучен сегмент во овој период на криза.
Учесниците разговараа и за тоа како одржувањето на некои потенцијални активности може да се префрли на интернет, а сепак да се постигнат посакуваните резултати и да се влијае врз целната група. Дискусијата заврши со дебата за претстојното барање за апликации од граѓанските организации, за воспоставување на центри за поддршка на е-владеење во земјите во регионот на Западен Балкан во кои се спроведува проектот, што би било во согласност со промовирање на користењето на е-услугите и создавање на повеќе крајни услуги од јавните институции за граѓаните.
————————————————————————————————————————————————————————————————–
Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.
Сподели: