Во рамки на истражувањето поврзано со спроведувањето на Дигиталната агенда за Западен Балкан во Северна Македонија и на Западен Балкан, како дел од проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA кој е ко-финансиран од Европската Унија и се спроведува во 6 држави (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија), Фондација Метаморфозис организираше онлајн фокус група со претставници од институции и граѓанскиот сектор.

Фокус групата се одржа на 12-ти јуни, 2020 год, и на неа присуствуваа претставници од Асоцијација за е-трговија на Македонија, Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија – ЗЕЛС, Интернет Хотлајн провајдер Македонија, Фондација Отворено општество Македонија и Министерство за информатичко општество и администрација.

Целта на фокус групата беше да се зголеми заедничкото разбирање за тоа како Дигиталната агенда се одразува во административните реформи и како граѓанскиот сектор би можел да заземе позначително и поефективно учество во обликувањето и спроведувањето на Дигиталната агенда во државата. Дискусијата беше насочена кон рaзгледување на сегашната состојбата на спроведувањето на Дигиталната агенда во државата, поврза​носта на Дигиталната агенда со тековните административни реформи, предизвиците и перспективите за граѓанско учество во Дигиталната агенда и препораки за засегнатите страни во насока на подобро спроведување на Дигиталната агенда во државата.

Заклучоците и препораките од дискусијата ќе бидат вклучени во истражувањето, заедно со останатите информации добиени од онлајн прашалниците и интервјуата кои беа направени со претставници од засегнатите институции, медиуми и граѓански организации.

————————————————————————————————————————————————————————————————–

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Сподели: