Почитувани,
Со задоволство ве покануваме да бидете дел од конференцијата „Заштита на приватноста во дигиталната ера: во потрага по заеднички решенија“ што ќе се одржи в четврток, на 19.10.2023 година, во хотелот „Арка“ во Скопје, со почеток во 10 часот. Конференцијата ја организираме со поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“, спроведуван од Фондација Метаморфозис и Здружение Конект.
Учесниците на конференцијата ќе имаат можност да дискутираат и да дознаат нешто повеќе околу заштитата на дигиталните права и активностите на различните чинители насочени кон поголема промоција и развивање на капацитетите за заштита на приватноста и на другите човекови права на интернет. Покрај тоа, на конференцијата ќе бидат споделени и искуствата на офицерите за заштита на лични податоци што беа дел од проектните активности. Целата агенда за конференцијата можете да ја најдете на овој линк.
Работни јазици на конференцијата ќе бидат македонски, албански и англиски јазик и ќе биде обезбеден симултан превод.
Секој што сака да се вклучи е повеќе од добредојден. Учеството не се наплаќа, но бројот на учесници е ограничен и ги замолуваме сите што сакаат да бидат дел од неа, да го пополнат формуларот достапен на овој линк: Формулар за пријава.
За учесниците што доаѓаат надвор од Скопје, патните трошоци за учество на настанот ќе ги покрие Фондација Метаморфозис. За да можеме да ги рефундираме средствата, ќе биде потребно да ни ги доставите оригиналните сметки и билети од патувањето.
Известување за приватност: Настанот ќе биде сниман, а снимката ќе биде прикачена на Јутјуб-каналот на Фондација Метаморфозис по завршување на настанот, споделена на веб-страниците и на социјалните мрежи на проектните партнери и споделена со донаторот за целите на проектно известување. На настанот исто така ќе бидат направени и фотографии, кои ќе бидат споделени на веб-страниците и на социјалните мрежи на проектните партнери, а ќе бидат доставени и до донаторот за целите на проектно известување.
Ги очекуваме вашите пријави!
Сподели: