Фондација Метаморфозис започнува со спроведување на иницијатива „Разговори за приватност“ која ќе има за цел да обедини претставници на општата јавност, јавни службеници, граѓански организации, новинари, наставници и други заинтересирани индивидуалци да разговараат околу заштитата на личните податоци во различни животни (и работни) околности.

Разговорите за приватност ќе водат кон развивање неформална мрежа на поединци кои се интересираат за заштита на личните податоци, работат на решавање одредени предизвици во областа или се директно вклучени во подготовка и донесување на релевантни политики. Силно се поттикнува вклучување на луѓе од различни профили во иницијативата, а особено ги охрабруваме да се приклучат и лицата кои работат со ранливи групи граѓани.

Разговорите за приватност ќе обединуваат членови на оваа неформална заедница/мрежа на средби на кои различни гости со експертиза во полето на заштита на лични податоци ќе ја споделат својата перспектива за предизвиците во областа. Ваквите средби ќе се организираат еднаш месечно, секој 21-ви во месецот, а членовите на мрежата ќе имаат можност да се вклучат во дискусија со говорниците, како и со останатите членови. Поканите за секоја средба ќе бидат доставувани само до членовите на мрежата.

За да обезбедиме доверливост и безбедна околина за слободна размена на ставови, разговорите за приватност ќе функционираат според Chatham House Rule. Членството во групата ќе може да се обезбеди единствено преку изразување интерес до Фондација Метаморфозис, со пополнување на формуларот достапен на овој линк. Исто така, креирана е Facebook група (Разговори за приватност | Facebook) во која членките на мрежата ќе можат да се поврзат, да споделуваат искуства и информации од областа на заштитата на личните податоци, како и да организираат активности насочени кон остварување на заедничките цели. Оваа група ќе биде затворена за јавноста и пристапот на секој нов член ќе биде претходно одобруван од наша страна.

Иницијативата „Разговори за приватност“ се спроведува во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци-градење инклузивен дигитален екосистем“, поддржан од АБА РОЛИ.

Доколку имате било какво прашање во врска со иницијативата или планираните активности, ве молиме обратете се на vesna@metamorphosis.org.mk .

 

Сподели: