На ден 13 јули 2022 година, Фондација Метаморфозис организираше кратка средба со 15 општински советници и претставници на локалната самоуправа, а со цел промоција на платформата www.pishi.im. Платформата е предвидена како централна точка за информирање, вклучување и вмрежување на граѓаните од одредена општина со избраните општински советници во самата општина.
Присутните советници и претставници на локалната самоуправа беа задоволни со софтверското решенија и искажаа подготвеност и мотивираност да го користат во своето секојдневно работење. Платформата е развиена во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество и е дел од поширок спектар на активности кон промоција на концептот отворен град.
Отворен град е модел за унапредување на работењето на градовите преку креирање на нова, подемократска локална инфраструктура на отвореност и партнерство со сите кои имаат удел во работењето и создавањето на подобра иднина во градовите: индивидуалните жители, организациите во заедницата, градската администрација, креаторите на политики и меѓународните партнери. Отворениот град се постигнува преку создавање култура на отвореност во општинските совети; поттикнување на отвореното владеење во градовите; поттикнување на употребата на технологијата за потранспарентно и партиципативно работење на градските власти; како и овозможување подобар пристап на граѓаните до градските информации. Во оваа насока, значајно е граѓаните не само да имаат пристап до податоците од отворен карактер, туку и да можат да разберат како овие податоци се поврзани со нивните потреби и проблеми.
Сподели: