Денес, 9 декември 2020 година, Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација ја промовираа он лајн платформата за Отворено владино партнерство (ОВП). Платформата е подготвена од Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, со која ќе управува Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Отвореното владино партнерство e доброволна меѓународна иницијатива во рамки на која соработуваат институциите и граѓанското општество со дел да се обезбеди транспарентност и отчетност на властите пред граѓаните. Основната цел на ОВП e да обезбеди конкретни заложби од владите за промовирање на транспарентност, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа со поддршка на иновациите.

Скриншот од вебсајт ovp.gov.mk

На настанот се обратија министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири и директорката на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Северна Македонија, Дон Кармин која посочи дека ”Со наближувањето на 10-годишнината од приклучување на Република Северна Македонија во Отвореното владино партнерство во 2011 година, важно е да ги обновите обврските за подобрување на пристапот до информации, фискалната транспарентност, употребата на отворени податоци и пристапот до правдата, како и многу други итни приоритети. Ние од Владата на САД сме тука да соработуваме со вас за овие заложби. ”

Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, ја истакнаа важноста од градењето на партнерски односи на Владата со граѓаните, граѓанските организации и компаниите во обликување на националните политики и креирање на националното законодавство, стратегии и инцијативи.

Он лајн платформата за Отворено владино партнерство ќе обезбеди дополнителна вредност за процесот на ОВП во Северна Македонија, бидејќи ги вклучува сите засегнати страни во процесот на едно место и им обезбедува низа алатки за нивно вклучување во подготовката, спроведувањето и следењето на Националните акциски планови за ОВП. Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество активно учествува во подготовката на Националните акциски планови за ОВП и активности кои придонесуваат кон подобрување на механизмите кои ја гарантираат вклученоста и партнерскиот однос помеѓу институциите и граѓанскиот сектор како основа за градење на демократско општество.

 

Проектот на УСАИД за граѓанско учество го зајакнува конструктивното учество на граѓанските организации во врска со политики и прашања насочени кон антикорупција, транспарентност и владеење на правото, и го зголемува и одржува младинското учество во јавниот живот во Северна Македонија. За повеќе информации во врска со Проектот, посетете нè на: https://cep.mk/ и https://www.facebook.com/CEPNorthMacedonia/

Сподели: