Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондација Метаморфозис, учествуваше на панел-дискусијата „Незамолчени улици: Управување со слободата на изразување и протестите во дигиталната ера“ што се одржа на 3-ти ноември во Охрид, во рамки на самитот за интернет слобода организиран од АБА РОЛИ. Покрај Филип, на оваа панел-дискусија свое обраќање имаа и:

  • Катарина Голубовиќ – претседател на Комитетот на правници за човекови права (YUCOM) од Србија;
  • Кристина Тодоровиќ – адвокат од Србија и
  • Судија Џејмс Е Бејкер – главен судија за вооружени сили во Апелациониот суд на САД, актуелен директор на Институтот за безбедносна политика и право на Универзитетот во Сиракуза и соработник во Центарот за безбедност и развојна технологија Џорџтаун при Универзитетот Џорџтаун во САД.

Сесијата обезбеди увид во различни онлајн и офлајн протестните движења, со особен увид во слободата на говорот и нејзините импликации за човековите права во онлајн сферата, а ја модерираше Милан Филиповиќ, Директор за истражување во YUCOM. На сесијата се дискутираше и за улогата на меѓународните организации, влијанието на новите технологии, предизвиците поврзани со надзорот, правните импликации на социјалните медиуми, медиумските наративи и влијанието на дезинформациите и мисинформациите врз перцепцијата на јавноста за протестите.

Во своето обраќање, Филип Стојановски се осврна на истражувањето кое Фондација Метаморфозис го спроведе со поддршка на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF), во кое, меѓу другото, се анализира и врската помеѓу кибер-безбедноста и правото на мирно собирање. Тој истакна дека во Македонија не постои легислатива која го уредува правото на онлајн собири, но и дека правото на слобода на изразување често се злоупотребува – различни актери шират погрешни и лажни информации, најчесто со цел да остварат некаков вид финансиска добивка. Понатаму, Филип наведе и случаи во кои демократското право на протест може да се злоупотреби, на пример преку организирање контра-протести или организирање протести без следење на соодветната законска рамка. Според Филип, ваквите злоупотреби најчесто се поттикнати од надворешни извори на влијание и имаат тенденција да разгорат меѓу-етничка омраза.

 

 

 

 

 

 

 

Сподели: