На 18.01.2021 (понеделник), Фондација за интернет и општество Метаморфозис организираше еднодневна обука (вебинар) за медиуми, медиумски работници и независни новинари (фриленсери) за запознавање со теми поврзани со Дигиталната агенда за Западен Балкан. Дигиталната агенда е иницијатива развиена од Европската Унија, која исто така е проширена и усвоена за 6 држави од Западен Балкан. Таа има за цел да обезбеди граѓаните во регионот целосно да ги искористат придобивките од дигиталната трансформација. Посветеноста кон Дигиталната агенда ќе обезбеди граѓаните да имаат вештини за да одговараат на барањата на новата економија и ќе помогне да се модернизираат јавните администрации, да се зајакне компјутерската безбедност, да се зголеми поврзаноста, како и да се подобри деловната клима.
Главната цел на обуката беше запознавање на медиумите, медиумските работници и независните новинари (фриленсери) со ИЦЕДА и теми поврзани со Дигиталната агенда за Западен Балкан, како и олеснување на вмрежувањето и соработката при постигнување на целите кои произлегуваат од истата, преку проектот ИЦЕДА.
На обуката беа пристуни новинари од медиумите Порталб, Фактор, Независен.мк, Канал77, Алсат, Текст.мк, Еуромобиност, Тетовоинфо, Мета.мк, Инбокс7, МИА и ТВ Здравкин.
На обуката се дискутираше за Дигиталната агенда како клучна иницијатива во процесите на дигитална трансформација на Западен Балкан, сајбер безбедноста и заштитата на личните податоци, како и за медиумите и граѓанското општество како сојузници во дигитална трансформација.
Генералните заклучоци кои произлегоа од обуката се сведуваа на тоа дека за да се оствари суштинска промоција и едукација на клучните прашања поврзани со Дигиталната агенда и предизвиците кои произлегуваат од истата, мора да се зајакне соработката со медиумите заедно со граѓанскиот сектор и институциите. Треба да се оствари соработка со медиумите кои имаат поголема гледаност / читаност, таканаречени “меинстрим” медиумите, за да се подигнат на повисоко ниво прашањата и предизвиците со кои граѓаните се соочуваат во поглед на користење на е-услугите. Заклучокот беше дека на “меинстрим” медиумските платформи треба да се пласираат и едукативни кампањи во различен формат (видеа, визуелизации, анимации, итн.) прилагодени на јазикот и начинот на изразување на заедниците, за да на сите граѓани (на еден за нив разбирлив начин) им се обезбеди можноста за информираност и едукација за дигиталните процеси кои ги засегаат нив. Како особено важно се истакна дека во вакви процеси треба да бидат вклучени локалните медиуми бидејќи тие можат полесно да допрат до граѓаните во регионите кои тие ги покриваат медиумски.
Обуката е дел од проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” кој е ко-финансиран од Европската Унија и се спроведува во 6 држави (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија). Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.
Сподели: