На наше барање, денес, на 20-ти мај, се одржа средба со Министерот за информатичко општество и администрација, на која беше презентиран проектот Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA, ко-финансиран од Европската Унија, на кој Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е придружен партнер.

На средбата, од страна на МИОА, покрај Министерот Дамјан Манчевски, присуствуваа Марија Теговска – посебен советник за односи со јавност и Елена Манчева – советник на министерот за ИТ поддршка, додека претставници на Метаморфозис присутни на состанокот беа Бардил Јашари – извршен директор на Фондацијата Метаморфозис и Мила Јосифовска Даниловска – менаџер на програмата за општествена отчетност и човекови права онлајн.

На состанокот се дискутираше за зголемената релевантност на проектот за време на пандемијата што понатаму ќе се рефлектира во унапредување на е-услугите и дигиталната писменост на граѓаните, како и за потенцијалните синергии помеѓу институциите и граѓанскиот сектор и заеднички активности кои би можеле да се остварат во рамки на проектот.


Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Сподели: